Еднаш се живее

412

Во овој неделен совет ќе бидам краток и директен.

“Еднаш се живее” концептот не е точен. Еднаш се умира, а цел живот се живее (некој паметен го кажал ова). А, тоа како ќе живееме ни влијае на нашите навики, тие на нашиот карактер, а понатаму тоа ја оформува и нашата судбина.

Сигурен сум дека многу пати, можеби вие сте го искористиле или сте слушнале некој ваш близок да ја искористи оваа фраза. Убаво звучи како филозофија/концепт на живеење, но за жал, ние го користиме само во ситуации кога сакаме да направиме нешто, за кое не сме баш сигурни дека е добро (нешто откачено, ризично, неоправдано, неморално, хедонистички, “глупаво”), но криејќи се зад мотото на “еднаш се живее” ние му даваме на нашиот мозок утеха и рационално оправдување, и го правиме тоа.

Многу е тешко да живееме правилно и да се водиме според вистинските вредности и правила на живеење. Многу се големи влијанијата од околината, системот, разните вкусови, забранети овошја, замки и заводнички ситуации. И, бидејќи тешко може да го контролираме сето тоа, со користење на фразата “еднаш се живее” му помагаме на нашиот мозок да не чувствува вина после правење на таа “забранета” работа. Бидејќи мозокот знаете, секогаш мора рационално и логично да ги оправда своите постапки, без оглед дали е тоа добро или не.

Следниот пат кога сакате да направите некоја “будалштина”, пробајте да не го користите овој концепт како би си ја оправдале истата. Вие направете го тоа, од експериментален или чисто од самозадоволувачки аспект, но бидете свесни за состојбата, вашите постапки и она што ви се случува, и соочете се со последиците.

Со успех во промените.

Фото:Pixabay