Египет: Од исушени лушпи од ракчиња ќе се добива еколошка пластика

205

rakcinja-pexels

Фото: Pexels

Научници од Универзитетот Нил во Египет развиваат технологија со којашто се преработуваат исушените лушпи од ракчиња и се добива биоразградлива пластика, пишува Reuters.

Добиената пластика може да се користи за производство на еколошки кеси и друг вид на амбалажа. Научниците, по шест месеци откако го започнаа овој проект, успеаја да создадат тенок и светол прототип, користејќи хитозан – состојка што се наоѓа во лушпата на многу видови ракчиња.

“Доколку успееме да го комерцијализираме производот, ќе успееме да го намалиме отпадот, но ќе се подобри и извозот на храна бидејќи пластиката има антимикробни и антибактериски својства“, вели Ирене Сами, професорка од Универзитетот Нил.

Научниците ги откупуваат лушпите од ракчиња од локалните рибари, сопственици на ресторани и продавници.

Лушпите се чистат, се третираат по хемиски пат, се мелат и се потопуваат во раствор. Потоа, се сушат и се добива тенок пластичен слој.

“Египет увезува околу 3.500 тони ракчиња од кои остануваат 1.000 тони лушпи, па наместо да се фрлаат, може од нив да се произведуваат биоразградливи пластични кеси“, вели научникот Хани Чбиб.

Тимот досега успеа да произведе само мала количина од овој еколошки материјал.