Египет планира двојно да ја зголеми големината на новиот главен град

51

Египет планира двојно да ја зголеми големината на новиот главен град, кој се гради на 45 километри од Каиро.

Египет планира да потроши милијарди долари за да ја удвои големината на раскошниот нов главен град кој се гради во пустината 45 километри источно од Каиро, каде што се населуваат првите жители, изјави шефот на компанијата што го надгледува градежниот проект.

Градот е најголемиот во серијата мега-проекти за кои египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси вели дека се потребни за економски развој и за сместување на растечката популација од 105 милиони.

Државните службеници беа префрлени во јули во министерствата и канцелариите изградени во првата фаза од изградбата на новиот град.

„Речиси 48.000 вработени доаѓаат секој ден“, изјави за Ројтерс Калед Абас, претседател на Управата за урбан развој на главниот град.

Абас истакна дека првата фаза од изградбата на градот веќе вклучува кула од 70 ката, највисока во Африка, опера со пет сали, мега џамија и најголемата катедрала на Блискиот Исток.

Околу 100.000 станбени единици се завршени и 1.200 семејства се вселиле, рече Абас.

Според него, големите банки и другите компании ќе ги преселат своите седишта до првиот квартал на 2024 година.