ЕИБ најави 900 милиони евра за помош за поплавените во Шпанија

80

Европската инвестициска банка (ЕИБ) објави пакет финансиска помош од 900 милиони евра за помош во напорите за закрепнување и обнова на Шпанија по минатонеделните смртоносни поплави кои особено тешко го погодија источниот регион на Валенсија.

Банката во соопштението рече дека е исто така подготвена да предложи дополнителни мерки, според Ројтерс, доколку тоа го побараат националните или регионалните власти на Шпанија по најтешката катастрофа поврзана со поплавите во модерната историја на земјата.

„Мораме да обезбедиме подобра реконструкција, со методи прилагодени на новата реалност што ќе се спротивстават и ќе штитат од се почестите и поинтензивни климатски шокови“, рече шефицата на ЕИБ и поранешна шпанска министерка за економија Надија Калвино.

Во вторникот, премиерот Педро Санчез најави 10,6 милијарди евра за помош на жртвите од поплавите во кои загинаа најмалку 217 луѓе во Валенсија, Кастиља Ла Манча и Андалусија, а десетици сè уште се водат како исчезнати.

Обилните дождови минатата недела предизвикаа излевање на водотеците, создавајќи поројни поплави кои ги зафатија предградијата јужно од градот Валенсија, одземајќи автомобили и мостови и поплави имоти и подземни паркиралишта.

Научниците велат дека екстремните временски настани стануваат сè почести во Европа и на други места поради климатските промени. Метеоролозите сметаат дека затоплувањето на Медитеранот, кое го зголемува испарувањето на водата, игра значајна улога во засилувањето на пороите.