ЕК бара да се забрани употреба на месо од клонирани животни

39

cowДа се забрани увоз на клонирана стока и продажба на храна од вакви животни, како и вршење на клонирање на животинските фарми бара Европската комисија. ЕК не бара рестрикција на производи добиени од потомците на клонирани животни.

“Целта на предлогот е да се обрне внимание на доброто за животните и други морални прашања поврзани со употребата на оваа техника. Меѓутоа, нема предлог за означување на производите добиени од потомците на клонираните животни, како месо и млеко”, вели еврокомесарот за здравје, Тонио Борг.

Забраната ќе биде привремена додека не се развие технологијата за клонирање, и по некое време повторно ќе се разгледува.

Од Комисијата додаваат дека клонирањето засега е толку скапо, што неговата употреба за производство на храна не е практична.

Според истражувањето на Комисијата, поголемиот дел од граѓаните на ЕУ не одобруваат употреба на клонови за производство на храна и не сакаат да јадат месо од клонирани животни.

Данска е единствената членка на ЕУ која има забрана за користење на колнирање на животни во комерцијални цели, според Комисијата.

САД, Аргентина, Бразил, Канада, Австралија и Јапонија потврдиле дека на нивна територија се клонираат животни, но не наведуваат во кој размер, наведува ЕК.

Европската унија, со популација од преку 500 милиони луѓе, произведува 20% свинско месо во светски рамки, 11% говедско и 30% од глобалниот извоз на сирење, според податоците на Организацијата за храна и агрикултура на ОН.