ЕK: Х(Твитер) на Илон Маск стана легло на дезинформации

Социјалната мрежа Х во сопственост на Илон Маск се наведува како најголем извор на дезинформации, додека Европската унија ги повикува платформите од Силиконската долина да ја засилат својата будност во борбата против руската „војна со дезинформации“.

Потпретседателката на Европската комисија Вера Јоурова рече дека платформите мора да делуваат пред националните и европските избори следната година.

„Ова е оружје за масовна манипулација вредно неколку милиони евра, насочено и кон Русите и кон Европејците и остатокот од светот“,  рече Јоурова и нагласи дека големите платформи мора да го решат овој ризик, особено затоа што мора да се очекува дека Кремљ ќе биде исклучително активен во пресрет на европските избори.

Европската унија објави извештаи за тоа како секоја од големите технолошки компании, вклучувајќи ги Мета, Алфабет и БајтДенс, се справува во борбата против дезинформациите.

Повеќето главни платформи се согласија да работат со Европската унија на доброволен кодекс на однесување, чија цел е да ги постави секторските стандарди за проверка на факти и други мерки. Блокот, исто така, спроведе пилот проект за проценка на обемот на проблемот.

„X, односно поранешниот Твитер, е платформата со најголем сооднос на лажни или дезинформациски објави. Откриено е дека корисници кои шират дезинформации имаат повеќе следбеници од оние кои не дезинформираат , а само од неодамна се приклучија на платформата“,  објасни Јоурова, истакнувајќи неколку чекори што платформите ги презеле во борбата против руското влијание.

Google затвори повеќе од 500 канали вклучени во операциите на руското влијание во првите четири месеци од оваа година, а Мета ги прошири партнерствата за проверка на факти на 22 јазици на Европската унија. Исто така, минатиот месец стапи на сила Законот за дигитални услуги.

„Бидејќи X е означен како многу голема интернет платформа, секако дека има и обврски пропишани со строг закон. Така што, мојата порака до X е дека мора да се придржуваат до строгите закони бидејќи ние ги следиме што прават“, рече Јоурова.

Потпретседателката на Европската комисија рече и дека приливот на руски дезинформации е особено актуелен во Словачка, каде што оваа недела се одржуваат избори.

„Словачка беше избрана за земја каде што има плодна почва за успех на руските провоени наративи“,  рече таа, додавајќи дека Фејсбук и Гугл презеле одредени чекори за да ги зголемат своите напори во оваа земја.