Инфлацијата во еврозоната годинава ќе падне побрзо отколку што се очекуваше, откако се чинеше дека се намали влијанието на трговските нарушувања во Црвеното Море, според ажурираните проценки на Европската унија.
Европската комисија во средата објави дека годишната инфлација во монетарната унија ќе падне на 2,5 отсто оваа година, пред да ја достигне целта на Европската централна банка од два отсто во втората половина на 2025 година, пишува Financial Times. Во својата претходна прогноза во февруари, Комисијата предвиде пад на 2,7 отсто во 2024 година и 2,2 отсто следната година.
ЕК сепак очекува раст на економијата на зоната на единствената валута оваа година за 0,8 отсто, но прогнозира малку посилен раст од еден отсто за Европската унија во 2024 година, што е за 0,1 отсто повеќе од претходните проценки. Лани растот за двете области беше 0,4 отсто.
„Веруваме дека ја свртевме ситуацијата“, изјави европскиот економски комесар Паоло Џентилони.
„Очекуваме растот да се забрза оваа и следната година. Во меѓувреме, инфлацијата дополнително ќе опадне и ќе ја достигне целта на ЕЦБ следната година“, рече еврокомесарот.
Во својата пролетна прогноза, ЕК наведе дека побрзото од очекуваното паѓање на инфлацијата е резултат на послабите цени на суровините, главно поради „поблагото од очекуваното“ влијание на нарушувањата во трговијата на Црвеното Море. Економијата на еврозоната покажа знаци на закрепнување во првиот квартал од оваа година кога нејзиниот БДП порасна за 0,3 отсто во споредба со претходниот квартал.