ЕК најави продолжување на употребата на глифосатот откако членките на ЕУ не постигнаа договор за негово користење

12

Земјите членки на ЕУ и на денешното второ гласање не го одобрија предлогот за одобрување на употребата на спорниот хербицид глифосат и во наредните 10 години, по што Европската комисија најави дека ќе го продолжи одобрението за негово користење „под одредени услови“, јави дописникот на МИА од Брисел.

За усвојување на предлогот на Европската комисија беше потребно квалификувано мнозинство при гласање во Постојаниот комитет за растенија, животни, храна и добиточна храна, односно за него да гласаат најмалку 15 од 27 земји на ЕУ, во кои живеат најмалку 65 отсто од вкупниот број жители на Унијата.

Согласно процедурите на ЕУ, откако предлогот не беше прифатен и по второто гласање, за следните чекори одлучува Европската комисија.

– Комисијата, врз основа на сеопфатни проценки за безбедноста спроведени од страна на Европската управа за безбедност на храната (ЕФСА) и Европската агенција за хемикалии (ЕЦХА), заедно со земјите членки на ЕУ, сега ќе го продолжи одобрението за употреба на глифосатот за период од 10 години, под одредени нови услови и ограничувања, се вели во соопштението на ЕК.

Според Еврокомисијата, овие „нови услови и ограничувања“ вклучуваат забрана за употреба на глифосатот пред берба, како и преземање на мерки за заштита на растенијата кои не се цел на уништување од страна на хербицидот.

Потребното квалификувано мнозинство не беше обезбедено ниту при првото гласање во Постојаниот комитет на 13 октомври, кога против предлогот се изјаснија Германија, Австрија и Луксембург.

Франција тогаш беше „воздржана“, а и пред денешното изјаснување, францускиот министер за земјоделство Марк Фесно најави дека неговата земја одново ќе се воздржи од гласање по предлогот.

– Ако нема промена во предлогот, нема причина да го смениме мислењето, изјави Фесно за Франс Инфо.

Без поддршката од Франција, беше очекувано дека предлогот нема да го обезбеди потребното квалификувано мнозинство за да биде усвоен.

Но, и покрај одлуката на ЕК за продолжување на употребата на глифосатот, секоја земја членка може да донесе индивидуална одлука за негова забрана на национално ниво.

Таква одлука веќе има донесено Луксембург.  Глифосат како хербицид се користи од 70-тите години на минатиот век за уништување на плевелот кој расте околу земјоделските култури или на јавни површини.

Во студија на Светската здравствена организација (СЗО) од 2015 година глифосатот беше оквалификуван како „веројатно канцероген“, а во ново италијанско истражување изложеноста на овој хербицид се поврзува со појавата на леукемија.

Од друга страна, десетина регулаторни агенции, меѓу кои и Европската управа за безбедност на храната (ЕФСА) сметаат дека ризикот оти глифосатот е канцероген е „малку веројатен“.

Европската комисија посочи дека ЕФСА анализирала 16. 000 објавени студии пред да го даде своето мислење во јули годинава за евентуалната штетност од употребата на хербицидот.