ЕК размислува за продолжување на итните енергетски мерки за една година

9

Европската комисија (ЕК) сака да ги продолжи за една година вонредните енергетски мерки од минатата година, кои ги усвои со цел ЕУ да се справи со гасната криза и да се заштити од идните ненадејни скокови на цените, но и брзо да се префрли на обновлива енергија.

Неименуван висок функционер на ЕУ изјавил дека размислуваат за една година да ги продолжат тие мерки кои истекуваат за неколку месеци, пренесува Мина.

ЕК ќе предложи продолжување на мерките откако ЕУ ќе постигне договор за новите правила на пазарот на гас, рече претставникот, наведувајќи дека тие преговори треба да завршат овој месец, но дека тие може да се прелеат во декември. Плафонот на цената на гасот ги подели земјите-членки на ЕУ.

Некои земји, вклучително и Германија, предупредија дека ограничувањето на цената може да го отежне снабдувањето на глобалните пазари со гас, додека Франција, Полска и други земји бараат продолжување на мерката за да се спречи инфлацијата.

Енергетската ситуација во Европа во моментов е поповолна отколку минатата зима – благодарение на земјите кои обезбедија увоз на гас од други земји и го зголемија неговото складирање.