ЕК вети нов пакет помош за Украина од 450 милиони евра

41

По состанокот на неколку еврокомесари со членовите на украинската Влада во Киев, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, синоќа соопшти за нов пакет помош за Украина во вредност од 450 милиони евра и други мерки за поддршка.

„Европската унија денеска испраќа многу јасна порака до Украина и пошироко за нашата колективна сила и решителност во лицето на бруталната руска агресија“, се наведува во соопштението на Фон дер Лајен.

Од новата финансиска помош, 145 милиони евра се наменети за хуманитарна помош, а 305 милиони евра за санација на оштетената инфраструктура.

Соопштението е последно во серијата ветувања за помош дадени за време на посетата на фон дер Лајен и 15 други претставници на Комисијата на Киев.

Зборувајќи претходно заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателката на Комисијата кажа дека ЕУ ќе и обезбеди на Украина 150 милиони евра за енергетска опрема, како и 35 милиони за енергетски ефикасни светилки и 2.400 генератори по повторените руски напади врз енергетската инфраструктура.

Фон дер Лајен додаде дека досегашната економска, хуманитарна и воена поддршка на ЕУ за Украина изнесува речиси 50 милијарди евра.