ЕК започна формална постапка против Икс за можно кршење на Законот за дигитални услуги на ЕУ

22

Европската комисија започна формална постапка за да процени дали социјалната мрежа Икс го прекршила Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ поврзано со управувањето со ризици, умереноста на објавените содржини, транспарентноста на рекламирањето и пристапот на истражувачите до податоците на платформата, соопшти денеска портпаролот на ЕК за дигитална економија, истражување и иновации Јоханес Барке.

Тој нагласи дека ова е прва формална постапка покрената од Еврокомисијата за одговорност на онлајн платформите врз основа на ДСА.

Формалната постапка е покрената врз основа на спроведената прелиминарна истрага и анализите на извештаите на Икс за проценка на ризикот, поднесен во септември, и за транспарентност, доставен на 3 ноември, како и на одговорите на платформата на формалните барање од страна на ЕК за доставување информации поврзани со ширењето на илегални содржини во контекст на терористичките напади на Хамас врз Израел.

Постапката на Комисијата, како што објави Барке, ќе се фокусира на усогласеноста на Икс со обврските на ДСА во однос на спротивставувањето на ширењето на илегални содржини во ЕУ, пред се во врска на проценката на ризикот и мерките преземени од страна на платформата за спречување на дистрибуцијата на вакви содржини. Понатаму, на ефективноста на мерките на Икс преземени во борбата против манипулациите со информации и ефикасноста на политики за ублажување на ризиците за влијание врз изборните процеси, како и за транспарентноста на платформата.

Според Барке, дополнително со истрагата ќе се проверува „сомнителниот измамнички дизајн на корисничкиот интерфејс“, особено во врска со ознаките на одредени платени содржини.

– Отворањето на формална прекршочна постапка не го прејудицира нејзиниот исход, додаде Барке.

Согласно процедурата, по формалното отворање на постапката, Еврокомисијата ќе продолжи да прибира докази, во чии рамки се очекува доставување барања до Икс за дополнителни информации, спроведување интервјуа, како и инспекции.

Отворањето на формални постапки и овозможува на ЕК да преземе дополнителни извршни чекори, вклучително и изрекување на привремени мерки.

Законот на дигитални услуги на ЕУ не предвидува законски рок во кој би требало да заврши формалната постапка и нејзиното времетраење може да зависи од повеќе фактори, како што се сложеноста на случајот, степенот до кој засегнатата компанија соработува со Европската Комисијата и користењето на правото на одбрана.