Јапонската економија падна во третиот квартал за прв пат во една година под притисок на високите увозни трошоци и зголемувањето на цените кои ги потиснаа личните трошоци.
Бруто домашниот производ (БДП) се намали во третиот квартал за 0,3 отсто во споредба со претходните три месеци кога порасна за 1,1 отсто, покажа владиниот извештај во Токио.
Активноста се намали за прв пат од минатото лето, кога падна за 0,6 отсто.
Годишната стапка, која покажува колку БДП би пораснал или опаднал доколку растел или паднел со иста стапка како во последните три месеци во секој квартал пред една година, изнесува минус 1,2 отсто.
Ги ублажија мерките за Ковид, но…
И покрај неодамнешното олеснување на мерките за коронавирусот, третата по големина економија во светот се сопна под притисокот на забрзаниот раст на цените ширум светот, зголемувањето на каматните стапки во клучните економии и војната во Украина.
Во вакви услови, придонесот на надворешно-трговската размена во БДП во третиот квартал беше негативен и изнесуваше минус 0,7 процентни поени, бидејќи увозот е зголемен за дури 5,2 отсто, а извозот за 1,9 отсто во однос на претходните три месеци.
Личната потрошувачка, која сочинува повеќе од половина од јапонската економија, се зголеми за само 0,3 отсто во споредба со претходните три месеци кога се зголеми за 1,2 отсто.
Потрошувачката е попречена од високите цени на широк спектар на производи, од гориво до храна.
Ситуацијата дополнително ја влоши слабеењето на јенот, кој падна на најниско ниво во однос на доларот во последните 32 години, што дополнително ги зголеми трошоците за живот во Јапонија.
Личната потрошувачка најверојатно ќе биде слаба и во наредните месеци, судејќи според забрзаниот пад на реалните плати, за 1,6 отсто во третиот квартал, по падот од 1,2 отсто во периодот од април до јуни, забележува Ројтерс.











