
Претставниците на Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан (КИФ ЗБ6) во Брисел, во рамките на платформата „Западен Балкан – ЕУ“, разговараа со претставници на Европската комисија и регионалните организации за надминување на предизвиците во регионалната соработка, инвестициските проекти за Западен Балкан, зајакнувањето на дијалогот со ЕУ и побрз пристап на единствениот пазар на Унијата во регионот. На средбата со Герт Јан Купман, директор на Директоратот за интеграција во ЕУ, беа истакнати и заедничките предизвици со кои се соочува Европа во светло на најновите економски и геополитички случувања.
– Имаме позитивни сигнали од Брисел дека Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан е платформа која може да овозможи директен контакт меѓу економијата и администрацијата на ЕУ и отворена комуникација за сите теми, вклучително и надминување на бариерите за бизнисот, подобрување на капацитетите на граничните премини со цел да се намали повеќечасовното чекање на границите на ЕУ и Западен Балкан, кон Хрватска или Унгарија. Тоа не се само технички проблеми, туку фундаментални чиешто решение е клучно за приближувањето на регионот кон ЕУ – изјави Михаило Весовиќ, заменик претседател на Стопанската комора на Србија, по средбата во Брисел.
Како што посочува, неопходно е да се изнајдат начини за воведување дигитални алатки за да се овозможи признавање на техничките, фитосанитарни и ветеринарни сертификати што ги бара Унијата, со што би се забрзал сообраќајот и протокот на стоки и би се доближило регионот до „единствениот пазар“.
Компаниите одлично се разбираат, бидејќи имаат заеднички интерес да работат на единствениот пазар на ЕУ, но за жал, понекогаш недостига политичка волја и координација, како и дополнителен притисок за исполнување на потребните процедури.
– Она што денеска го отворивме како тема е како Европската Унија планира да одговори на големите актуелни економски предизвици. Западен Балкан е практично мрежа на добавувачи на компании од Европската Унија и ја споделува нивната судбина. Ќе мораме многу брзо да ги приспособиме нашите стратешки планови и да ги усогласиме. Светот станува сè покомплициран и тоа може да не принуди побрзо да прескокнеме некои пречки и да бидеме попрактични. Треба да гледаме кон земјите кои успеале правилно да го транспонираат законодавството на Европската унија во својата практика и да бидат параметар за сите други – нагласи Весовиќ.