Економијата треба да биде водена од трендови, не од избори – порачува Митевски

Изборите не ја „закочија“ економијата, таа продолжи да се движи со темпото со кое се движеше. Бруто-домашниот производ порасна за 3,2 отсто во вториот квартал најмногу заради силна приватна потрошувачка и услуги, а индустријата во септември е за 2,7 отсто над нивото од лани.

Според извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски реално сценарио е економијата по изборите да продолжи со умерен раст од близу 3 отсто годишно, со можност да се доближи до 3,3 – 3,4 отсто доколку јавните инвестиции и приватната потрошувачка се одвиваат според планот и ако надворешната побарувачка од ЕУ постепено се опорави.

-Тековните податоци не укажуваат дека изборниот циклус ја „закочи“ економијата. Бруто-домашниот производ порасна за 3,2 отсто во вториот квартал 2025 на годишна основа со сезонски прилагодувања, најмногу заради силна приватна потрошувачка и услуги, а индустријата во септември е за 2,7 отсто над нивото од лани. Прометот во трговијата е стабилен, со умерени месечни варијации поради структурата на продажбите каде се бележи поскромна потрошувачка на храна и горива, а посилна кај не-прехранбените производи. Ова говори за континуитет, а не за стопирање на активноста, изјави за „Локално“ извршниот директор на ЗМАИ.

Според Митевски, ако сакаме да имаме силна економија треба да градиме систем кој нема да зависи од политички циклуси или избори, туку пред сè ќе биде воден од економските трендови и очекувања. Клучот за постигнување на раст над 3 отсто не е во следење на политичкиот календар, туку во технолошкиот напредок, реализацијата на јавните и приватните инвестиции и зголемување на животниот стандард на граѓаните.

-Потребна е дисциплинирана и побрза реализација на капиталните инвестиции, поефикасна апсорпција на средствата од Планот за раст на ЕУ и пакет реформи што ќе го поттикнат зголемувањето на продуктивноста. Секако, тука не смееме да ги заборавиме растот на платите, предвидливата регулатива и услови за работа, повисокото учество на жените и младите на пазарот на труд и поквалитетните јавни услуги, вели Митевски.