Економијата трпи – Локдаунот во Шангај направи метеж, заглавени се товарни бродови

187

Поради драстичното зголемување на бројот на заразени со корона вирусот во Кина, имаше големи проблеми во транспортот на приодите до едно од најважните пристаништа во светот – Шангај. Овие проблеми се закануваат да предизвикаат верижна реакција и да се шират на целата планета.

Од март 2022 година во Шангај се забележани повеќе од три милиони заразени со корона вирусот, па во градот е воведен „супер карантин“, поради што на приодите кон пристаништето чекаат дури 470 товарни бродови.

Бродовите почнаа да се редат пред пристаништето откако властите воведоа „заклучување“ низ градот минатиот месец за да го контролираат ширењето на коронавирусот. Поради бавното работење на најпрометното пристаниште во светот, погоден е глобалниот синџир на снабдување.

Сликите од веб-страницата „Marine Traffic“, која ги следи моменталните позиции на пловните објекти во меѓународните води, ја покажуваат неверојатната гужва што се создала во водите околу кинеското пристаниште.

Товарните бродови во транзит се претставени со зелени точки на сликата, додека танкерите се претставени со црвено.

Засега нема индикации дека водите околу Шангај ќе се „расчистат“, додека самиот град е загрижен за економските последици од новото, строго „заклучување“.