Eкономистот познат како Доктор Пропаст најавува стагфлација

163

Економистот Нуриел Рубини, познат по своите песимистички прогнози, кои честопати излегуваат како точни, предвидува дека американската економија до крајот на оваа година ќе влезе во рецесија, која брзо може да се претвори во стагфлација.

Прекарот на Рубини е „Доктор Пропаст“ бидејќи успешно ги предвидел големите кризи, како онаа од 2008 година. Кога неколку години пред таа криза го презентираше своето сценарио за иднината, многумина мислеа дека претерува, но се покажа дека е во право.

Овој пат тој предвидува големо забавување на американската економија, поради повеќе фактори, меѓу кои пандемијата на коронавирус која сè уште е присутна, војната во Украина, политиката на Кина против Ковид-19, која предизвикува недостиг низ светот итн.

„Сè уште не сме во рецесија, но сме многу блиску до неа. Сите важни економски показатели опаѓаат, почнувајќи од довербата на клиентите, малопродажбата, производствените активности, па сè до продажбата на недвижен имот“, вели Рубини.

Оваа ситуација, вели тој, може да доведе до стагфлација како што се гледа во 1970-тите во САД. Во тоа време економијата растеше многу бавно, за разлика од инфлацијата која беше висока. Отежнувачка околност во однос на кризата од седумдесеттите е што сега имаме спирала на долгови, тврди Рубини. Ова е нов терен за централните банки, бидејќи тие сè уште не биле во таква ситуација.