Економската активност во ТИРЗ достигнува 47% од вкупниот извоз во националната економија

39

Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони, Јован Деспотовски и Амбасадорот на Јапонија во С. Македонија Хиронори Савада остварија средба на која се раговараше за нови иницијативи за поттикнување на инвестиции од Јапонија, но и развој на човечкиот капитал во земјата.  

На средбата Деспотовски го презентираше новиот пристап на Дирекцијата за ТИРЗ во поттикнување на странски инвестиции, во чии рамки фокусот е ставен на потребите на инвеститорите, на што се прилагодуваат и мерките и поддршката на државата. Важен елемент во новиот пристап се мерките за развој на човечкиот капитал, како значаен фактор во одлуките на инвеститорите. Во овие процеси, иницирани од Дирекцијата за ТИРЗ, веќе се вклучени неколку меѓународни партнери, а интерес за повеќе детали и идна соработка изрази и Јапонија. За таа цел договорено е продолжување на контактите и поврзување на Дирекцијата за ТИРЗ со соодветни владини тела од Јапонија.  

На интерес на Амбасадорот Савада, Деспотовски ги презентираше резултатите од последните анализи за економските движења во рамки на технолошко индустриските развојни зони. Како што беше истакнато, економската активност во ТИРЗ веќе достигнува 47% од вкупниот извоз во националната економија, со тенденција за натамошен пораст. Последните податоци за февруари 2021 говорат за раст на извозот од зоните во однос на истиот месец во 2020 година, со стабилен број на вработени. Дополнително, Деспотовски информираше дека само за последните три месеци во Дирекцијата за ТИРЗ се најавени или пристигнати писма за намери од повеќе постојни и нови инвеститори, со вкупен износ на нови инвестиции помеѓу 80 – 100 милиони евра. 

Од Дирекцијата за ТИРЗ е информирано и за подготовките за нов циклус на презентација на можностите што ги нудат технолошко индустирските развојни зони пред инвеститори од Западна Европа, САД, како и Азија.  

Во тој контекст,  Амбасадорот Сабада информираше дека Владата на Јапонија има донесено одлука за проширување на економското присуство на Балканот. Како дел од новата стратегија на јапонската надворешна политика за следниот неколкугодишен период е активно јакнење на присуството на јапонски компании во регионот на Западен Балкан. Истото, претставува голема можност и за Северна Македонија, за што е договорено контактите и соработката да продолжат и натаму.