Економската состојба на деловните субјекти поповолна од лани

4

Според податоците на Државниот завод за статистика, раководителите ја оценуваат економската состојба на деловните субјекти во септември 2013 година како поповолна во однос на претходниот месец, а исто така поповолна и во однос на септември 2012 година.

Оценката за обезбеденоста на производството со порачки е понеповолна во однос на претходниот месец.

Обемот на производството во септември 2013 година е понеповолен во однос на претходниот месец, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни, а очекувањата за бројот на вработените се на исто ниво како и претходниот месец.

Во септември 2013 година, залихите на суровини и репроматеријали, како и тековните набавки на суровини и репроматеријали се под и околу нормалата. Залихите на готови производи во септември 2013 година се намалени во споредба со претходниот месец.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во септември 2013 година изнесува 60,9% од нормалното искористување.

Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството во септември 2013 година имаат, недоволната странска побарувачка со 25,5%, недоволната домашна побарувачка со 18,6%, неизвесното економско опкружување со 10,1% и финансиските проблеми со 9,5%.