Економски аналитичари: Инфлација од 2,3% и економски раст од 2% за оваа година

41

Анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот бруто домашен производ (БДП) за периодот 2021 ‒ 2023 година, спроведена во јуни од страна на Народна банка, покажува одредени промени на очекувањата за просечната стапка на инфлација, додека во однос на очекувањата за растот на БДП тие главно се слични како во претходната анкета.

Како и досега, економските аналитичари ги објаснуваат очекуваните движења и кај инфлацијата и кај БДП, главно со случувањата и ефектите од глобалната криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 и мерките за справување со неа. Во однос на инфлацијата, просечните очекувања за 2021 година упатуваат на просечна стапка од 2,3%, наспроти 1,8% во претходната анкета.

Очекувањата за 2022 и 2023 година се минимално повисоки, односно испитаниците очекуваат дека стапката на инфлација ќе изнесува 2,1% во 2022 (1,9% во претходната анкета) и 2% во 2023 година (1,9% во претходната анкета). Слично како и во претходната анкета, испитаниците ги објаснуваат своите инфлациски очекувања со неизвесноста предизвикана од пандемијата на ковид-19 и повисоките цени на храната и енергијата, односно на увезените добра.

Исто така, испитаниците сметаат дека постепеното надминување на кризата, монетарните и фискалните стимули, растот на домашната побарувачка, растот на цените на недвижностите, како и закрепнувањето на економијата, би придонесле кон повисок раст на инфлацијата.

Од друга страна, пролонгирањето на кризата и повторното воведување рестриктивни мерки за справување со вирусот, а со тоа и зголемување на неизвесноста и забавување на закрепнувањето на домашната економија, како и евентуално пониските увозни цени би можеле да доведат до пониска стапка на инфлација.

Во поглед на економската активност, во оваа анкета не се забележуваат поголеми промени во очекувањата на аналитичарите во споредба со претходната анкета. Така, анкетираните аналитичари и понатаму очекуваат економски раст од 2% во 2021 година, а очекувањата за 2022 и 2023 година се минимално ревидирани надолу, упатувајќи на раст од 3% во 2022 година (3,1% во претходната анкета) и 3,3% во 2023 година (3,4% во претходната анкета).

Слично како и во претходната анкета, испитаниците ги посочуваат следниве фактори коишто влијаат врз нивните очекувања: продолжувањето на негативните ефекти од пандемијата на ковид-19, можното дополнително воведување заострени рестриктивни мерки како резултат на појавата на новите мутации на вирусот и недоволната ефикасност на веќе применуваните вакцини на овие мутации, намалување на домашната и странската побарувачка и воздржаност на домашните и странските инвеститори поради неизвесноста од пандемијата и неизвесното остварување на капиталните инвестиции.

Исто така, аналитичарите посочуваат и на геополитичките случувања, како и на можноста за натамошната блокада за започнување на преговорите со ЕУ. Сепак, аналитичарите наведуваат дека постојат и позитивни ризици, како започнатата вакцинација дома и во странство, побрзото справување со корона-вирусот во глобални рамки, преземените монетарни и фискални мерки, почнувањето на преговорите за интеграција во ЕУ и враќањето на оптимизмот кај субјектите во економијата (кај потрошувачите и инвеститорите), како и зголеменото остварување на капиталните проекти, коишто би можеле да имаат позитивно влијание врз растот во наредниот период и да придонесат за побрзо посткризно закрепнување на економијата.

Фото: Pixabay