Економскиот раст во еврозоната ќе го надмине нивото од пред пандемијата до крајот на годината

47

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, оцени дека економската активност во еврозоната треба да го надмине своето пред пандемиско ниво до крајот на годината.

Заздравувањето на економијата постојано расте, но делта сојот на вирусот може “да го одложи целосното отворање“, им рече Лагард на новинарите.

Европската централна банка ја зголеми прогнозата за раст на БДП во 19 земји од еврозоната за 2021 година во контекст на економското закрепнување по пандемијата и оцени дека растот на цените е сепак привремен.

Монетарната институција предвидува економски раст од пет проценти во 2021 година, наспроти 4,6 проценти, како што беше предвидено на последното соопштение во јуни. Банката, исто така, очекува инфлација од 2,2 проценти во 2021 година, наспроти 1,9 проценти предвидена во јуни. Тој раст, ќе ја надмине среднорочната цел на институцијата од два проценти инфлација.

Сепак, зголемувањето на цените е “воглавно привремено“, рече Лагард, додавајќи дека таа исто така гледа знаци што укажуваат дека зголемувањето на цените може да биде потрајно.

Според банката, инфлацијата треба да забави во 2022 година на 1,7 отсто, а потоа до 1,5 проценти во 2023 година.

Со вакви економски показатели, ЕЦБ одлучи малку да ги ублажи своите мерки за вонредна поддршка на економијата, воведени на почетокот на здравствената криза, кои беа поврзани со откуп на долгови.

“Закрепнувањето се заснова на успехот на кампањата за вакцинација во Европа, што овозможи значително отворање на економијата“, рече Лагард.