Економските експерти очекуваат просечна глобална стапка на инфлација од четири проценти во 2025 година

Во 2025 година, економските експерти очекуваат просечна глобална стапка на инфлација од четири отсто, која ќе падне на 3,9 отсто во 2026 година и на 3,8 отсто во 2028 година, според најновото Истражување на економските експерти за првиот квартал од 2025 година, спроведено од Институтот за економски истражувања IFO во Минхен.
„Во споредба со претходниот квартал, инфлаторните очекувања се благо зголемени“, коментира Никлас Потрафке, директор на Центарот за јавни финансии и политичка економија IFO.

Според него, американската тарифна политика предизвикува инфлаторни очекувања во многу земји, а во Германија тие се поттикнати од новиот јавен долг.

Во Европа оваа година експертите очекуваат најниска стапка на инфлација во Западна Европа – 2,1 отсто, додека таа ќе биде три отсто во Северна Европа, 3,4 отсто во Јужна Европа и дури 7,4 отсто во Источна Европа.

Инфлаторните очекувања се зголемија особено во Северна Америка. Експертите сега очекуваат инфлацијата да достигне 3,2 отсто во 2025 година, што е за 0,6 процентни поени повеќе отколку во истражувањето од претходниот квартал.

Експертите очекуваат инфлацијата во Северна Америка да биде 3,2 отсто во 2026 година и благо да се зголеми на 3,3 отсто во 2028 година.

Меѓу регионите каде цените би можеле особено нагло да пораснат се Јужна Америка и големи делови од Африка, каде се очекува просечна стапка на инфлација од над 20 проценти.

Во кварталната анкета, која беше спроведена од 11 март до 25 март 2025 година, учествуваа 1.489 економски експерти од 131 земја, според веб-страницата на IFO.

Фото: Pixabay