Експеримент: Не работат ништо, а земаат минималец од 1.200 евра

62

Од денеска и во следните три години, група избрани Германци ќе добијат безусловен основен приход од 1.200 евра, а проектот го следат научници.

Повеќе од два милиони луѓе се пријавија, а на крајот беа избрани 122 од нив. Од први јуни 2021 година, па сè до следните три години, тие ќе добиваат основен приход месечно, односно минималец од 1.200 евра. Тоа е дел од пилот проект чија цел е да се испитаат ефектите од безусловниот основен приход, пишува Дојче веле.

Учесниците немаат никакви обврски кон финансиерите на проектот, освен што “треба да пополнат седум онлајн прашалници во рок од три години колку што трае студијата“, наведено е на веб страницата на проектот. Дополнителни 1.380 случајно избрани лица, исто така, ќе пополнуваат прашалници на секои шест месеци, но тие нема да добиваат основен приход, туку само надомест за времето поминато во пополнувањето на овие формулари.

Парите за проектот ги обезбедија околу 150.000 приватни донатори, а оние што ќе ги добијат во следните три години нема да ги пријавуваат за данок. Тоа се донирани пари во износ од 43.200 евра по учесник, вкупно околу 5,2 милиони евра. Проектот го започна непрофитно здружение во Берлин.

Иницијаторите на Мојот основен приход, како што се нарекува здружението, се убедени дека безусловната исплата на пари на сите граѓани ќе реши многу проблеми на денешното општество. Тие веруваат дека луѓето стануваат послободни, покреативни и посреќни ако се ослободат од притисокот дека треба да заработат доволно пари за да преживеат.

Може ли реалноста да ја издржи таа утопија? И, тоа ќе биде научно истражено во рамките на проектот.

“Ќе тестираме што прават луѓето кога ќе бидат финансиски безбедни три години“, вели водачот на студијата Јирген Шуп, од германскиот институт за економски истражувања. “Дали ги потрошат тие пари или ќе создадат финансиски резерви? Дали ќе престанат да работат или ќе работат помалку? Дали ќе станат социјално ангажирани, дали ќе донираат повеќе?“, вели Шуп.

Фото: Pixabay