Експерт од „Мајкрософт“: Не смееме да создаваме вештачка интелигенција што се преправа дека е личност

Не смееме да создаваме вештачка интелигенција што се претставува како луѓе, тоа е опасен пат, објави директорот на одделот за вештачка интелигенција (ВИ) во Мајкрософт, Мустафа Сулејман, на својот блог.

Тој се плаши дека светот наскоро ќе има системи за вештачка интелигенција кои немаат свест во вистинска смисла на зборот, но ќе ја имитираат толку добро што луѓето ќе почнат да веруваат дека  ВИ моделите имаат личност.

Според Сулејман, тоа не е безопасно. Веќе има случаи каде што корисниците ги перцепираат чет-ботовите како божества, се заљубуваат во нив, развиваат зависности и други опасни емоционални врски.