Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денес објави дека распределбата на квотите за испраќање работници во други држави за изведување градежни работи отсега ќе се врши по електронски пат.
Во Министерството за труд и социјална политика е изработен посебен софтвер за оваа намена, а на денот на распределбата покрај членовите на Комисијата, ќе учествуваат и претставници од трговските друштва кои аплицирале на јавниот повик.
Повикот ќе биде објавен утре во печатените медиуми и на интернет-страницата на МТСП, а рокот за аплицирање е осум работни дена, заклучно со 30-ти овој месец. Јавната распределба на квотите ќе се изврши на 5 јуни.
“Со воведувањето на новиот електронски начин на распределба на квотата ќе се овозможи поголема транспарентност при распределбата, а од друга страна со донесеното законско решение се овозможува поголема заштита на работниците. Истовремено на овој начин се обезбедуваат целосно регулирани услови на македонските трговски друштва со цел да се придонесе за нивна конкурентност и на странските пазари”, истакна Ристовски.
Министерот појасни дека при распределбата на квотата предвид ќе се земат вкупниот број вработени работници во трговското друштво на неопределено време, референците на друштвото во земјата и странство и степенот на искористеност на претходно добиеното право за испраќање работници на работа во странство.
На трговските друштва кои за прв пат ќе аплицираат ќе може да им се определи до 20% од вкупното право на определената квота, за тековната година. Законот нуди можност две или повеќе трговски друштва да го соединат добиеното право за испраќање работници, заради заеднички настап на пазарот во странство.
Трговските друштва се должни добиеното право на упатување работници да го искористат најдоцна во рок од 60 дена по добивањето на одлуката.
Законот за упатување работници од Република Македонија во други држави за изведување градежни работи беше донесен од страна на Собранието на 26 декември 2012 година. Со донесувањето на Законот се изврши уредување на условите, критериумите и начинот на испраќање работници во државите со кои Македонија има склучено спогодба односно билатерален договор за оваа намена.