Елитата на Волстрит, Big Tech, медиуми, авиокомпании…: Еве на кого FTX му должи пари

100

Новопротечените документи открија илјадници доверители на кои FTX должи пари  откако некогаш моќната крипто берза пропадна во ноември.

Банкари на Волстрит, вклучително и Голдман Сакс и Џеј Пи Морган, се именувани во списокот на доверители што вклучува компании, добротворни организации, поединци и други субјекти во документ од 116 страници поднесен доцна во средата. FTX сега е во центарот на огромна истрага за измама.

Списокот на доверители, како што објави Си-Ен-Ен, вклучува и медиумски компании, како што се Њујорк Тајмс и Вол Стрит Журнал, комерцијални авиокомпании, вклучувајќи ги American, United, Southwest и Spirit, како и неколку Big Tech играчи како Netflix, Apple и Metа.

Федералните обвинители кои го истражуваат FTX велат дека неговиот основач и поранешен извршен директор, Сем Бенкмен-Фрид, организирал огромна измама со кражба на средства на клиентите за да ги покрие загубите во неговиот хеџ фонд, Alameda Research. Тој е обвинет и за користење на украдените пари за купување луксузни недвижнини и како придонес во американските политички кампањи.

Банкмен-Фрид, кој беше обвинет во декември и останува во домашен притвор во домот на неговите родители во Калифорнија, се изјасни за невин по осум точки претходно овој месец. Тој постојано негираше дека извршил измама, а судењето треба да биде во октомври, наведува Си-Ен-Ен.

Двајца од неговите поранешни деловни партнери се изјаснија за виновни за обвиненијата за измама и заговор и соработуваат со обвинителите во јужниот округ на Њујорк. Двајцата соработници го вмешале Банкмен-Фрид во наводните злосторства.