Emirates направи успешен лет на одржливо воздухопловно гориво

73

Авиокомпанијата Emirates изврши успешен пробен лет на Boeing 777 со одржливо воздухопловно гориво, објави компанијата. Главниот оперативен директор на Emirates, Адел Ал Реда, го опиша летот како „пресвртница“, објави француската новинска агенција АФП.

Авиокомпанијата со седиште во Дубаи користи одржливо воздухопловно гориво (SAF) од 2017 година, но овој пробен лет беше прв на Блискиот Исток и Северна Африка при што еден од двата мотори на авионот целосно работеше на одржливо воздухопловно гориво, соопшти Emirates.

За придвижување на вториот мотор се користеше конвенционално воздухопловно гориво.

Во моментов, максимум 50 проценти SAF измешан со керозин може да се користи во комерцијални млазни мотори. Одржливото млазно гориво се произведува од одржлива биомаса, рециклирани прехранбени масла и јаглерод диоксид или зелен водород претворени во синтетички горива, наведува АФП.

„Ако до 2030 година добиваме 50 отсто од нашето гориво од одржливо авионско гориво, тоа ќе биде многу добро достигнување“, изјави Ал Реда за АФП. Но, тоа ќе зависи од способноста на компаниите да го произведуваат и испорачуваат, како и да го понудат по прифатлива цена, додаде тој.

Авионот на Emirates полета од меѓународниот аеродром во Дубаи на пробен лет во понеделникот и леташе над крајбрежјето повеќе од еден час, објави компанијата.

Одржливите горива за авијација може да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид за 80 проценти во текот на целиот животен циклус. Сепак, тие во моментов претставуваат помалку од 0,1 отсто од употребеното воздухопловно гориво и се два до четири пати поскапи, истакнува АФП.

Фото: Pixabay