Фото: Pixabay
Не поминува ниту една обука или предавање, на која било тема, каде што не го споменувам нејзиното височество – Емпатијата, во некој контекст. А и разговорот што го имав со нашиот нов практикант, пред некој ден, за тоа дали постои разлика помеѓу Емпатија и Сочувство, ме поттикна малку повеќе да ја обработам оваа тема во овој неделен совет.
Дали постои разлика помеѓу Емпатија и Сочувство?
Најголемата заблуда е тоа што луѓето ја поистоветуваат емпатијата со сочувството. Сочувството е карактеристика на човекот, особено добрите луѓе додека, пак, емпатијата е вештина (една од најелементарните). Сочувство е кога сочувствуваме со туѓите емоции (кои и не мора да сме ги препознале самите). Кога некој е тажен и ние преземаме дел од таа тага и ја носиме таа тежина со себе. Она што најмногу може да направите, во тие ситуации, е да помогнете максимално доколку сте во можност. Тежината не мора да ја носите со себе.
Од друга страна, пак, емпатијата е вештина која ја поседуваме (со цел за полесна комуникација) и која може да ги препознае чувствата кај другите и ни помага да „влеземе во туѓата кожа“, а притоа да не ја преземе тежината на емотивната состојба. Емпатијата се поврзува со умешност во читање на сигналите што ги праќаат телата (говор на тело). Користа од оваа вештина е кога ќе ја согледаме емотивната состојба на соговорникот, да преземеме акција која нема дополнително да ја влоши ситуацијата. Ако некој колега не забележи дека неговиот колега е тажен и да претпостави дека може нешто неубаво му се случило, и непрекинато го задева и суптилно „фрла“ закачки, нормално е дека овој може да пукне и да каже некои неубави зборови. И, ете ти конфликт!
„Најважната работа што ја поседуваме како луѓе, е моќта на емпатијата“.
Мерил Стрип
Последните истражувања велат дека со развојот на емпатијата се подобруваат лидерските способности, учиме како да ги поставуваме вистинските прашања, го јакнеме тимскиот дух и ја подобруваме комуникацијата во тимот, а тоа влијае на разбирање со клиентите и во многу други аспекти од работењето. Дури и се смета дека со јакнење на емпатијата влијаеме на намалување на стресот.
„Спротивно на лутината, не е смиреноста, туку емпатијата“.
Д-р. ОЗ
Препознавањето на емоциите кај другите е прво ниво на емпатија. Повисоко ниво е кога размислуваме како нашите зборови ќе се рефлектираат на другите, и пред да кажеме нешто размислуваме за ефектите. Јас мислам да се држиме ние до првото ниво, и тоа ќе биде невиден успех.
Неколку фактори (техники) коишто влијаат врз развој на оваа наша вештина:
- (EQ) Емоционална писменост: Емпатијата е вештина за која се обработува во областа на ЕП. Доколку сакате да ја развивате емпатијата кај себеси, ќе мора повеќе да се информирате за ЕП како концепт. Тука Егото и Емпатијата се поистоветуваат како спротивни емоции. И, ако го разгледаме овој аспект на ЕП, нормално е зошто во светот фали емпатија кај луѓето. Сите сме „напукани“ со огромни дози на ЕГО (ЈАС), и не оставаме место за развој и за јакнење на ЕМПАТИЈАТА (ТИ). Една техника што може да ја користите е, наместо да почнувате со ЈАС, почнете со ТИ во комуникацијата со другите. Ќе видите сами колку е тешко.
- Говор на тело: Исто така, огромно значење за развој на емпатијата. Јакнење на нашата способност за забележување на деталите на телото и нивно толкување е од огромно значење за препознавање на туѓите емоции. Но, читање на една книга или гледање филм нема да ве направи експерти во препознавање на сигналите. Тоа бара многу работа и концентрација. Како почетно ниво може само да почнете да ги гледате луѓето што прават со телото, лицето, рацете, нозете, очите. Прво вежбајте концентрација и навика за следење на деталите. Напоредно може да се едуцирате повеќе за значењето на тие сигнали. Пробајте го ова еден месец.
- Активно слушање: Вежбајте „активно слушање“. Тоа не е само да слушаме другите што зборуваат. Тоа значи процес од 3 чекори – 1) Слушни, 2) Процени / Размисли и 3) Повратна врска (одговор). Најдобра техника за вежбање на Активно слушање е „затвори ја устата“!.
Со успех во промените.