Ен плус група на Дерипаска го тужи Комбинат за алуминиум Подгорица

54

kapПоранешниот сопственик на Комбинат за алуминиум Подгорица (КАП), Ен плус група на Олег Дерипаска, пред Стопанскиот суд во Подгорица ги тужи КАП и стечајниот управник Веселин Перишиќ, барајќи судот да одреди привремена мерка забрана на продажбата на фабриката, додека не се отстранат неправилностите што настанале во текот на стечајната постапка, јавува Танјуг.

Според правниот застапник на групата, суштината на тужбата се однесува на активности кои се случуваат во стечај, затоа што компанијата не успеала да ги заштити правата во стечајната постапка, па тужбата ја поднела како стечаен доверител поради заштита на своите интереси.

Ен плус група од КАП има побарувања од 43,4 милиони евра, Централноевропска алуминиумска компанија (CEAC) 50 милиони евра, а Електростопанство на Црна Гора 44,9 милиони евра. Најголем доверител е Министерството за финансии, на чие барање е поведен стечај на 8 јули минатата година.

Претходно офшор компанијата Централноевропска алуминиумска компанија (CEAC) зад која стои рускиот олигарх Олег Дерипаска, подружница на Ен плус група, а која неколку години управуваше со КАП и го доведе до банкрот поради долгови од 350 милиони евра, покрена арбитражна постапка против Црна Гора и побара оштета од преку 600 милиони евра.

КАП е приватизиран во 2005 година, кога за 48,5 милиони евра и беше продаден мнозинскиот пакет на офшор компанија зад која јавно застана Олег Дерипаска.