Енергијата го „подгрева“ поскапувањето: Инфлацијата во Германија достигна 2,9 проценти

Инфлацијата во Германија се забрза во април, првенствено поради силниот раст на цените на енергијата, покажаа прелиминарните податоци од германскиот завод за статистика Дестатис.

Потрошувачките цени се зголемија во април за 2,9 проценти во споредба со истиот месец минатата година, што е највисока стапка на инфлација од декември 2023 година. Во март, инфлацијата изнесуваше 2,7 проценти, откако претходно нагло се забрза од 1,9 проценти во февруари.

Најголемиот притисок врз цените дојде од енергетскиот сектор. Во април, енергијата беше поскапа за 10,2 проценти во споредба со истиот месец минатата година, што е најсилниот раст од февруари 2023 година.

Во март, цените на енергијата се зголемија за 7,2 проценти, со што заврши периодот на пад или значително послаб раст на цените во тој сегмент. Уште во февруари, енергијата беше поевтина за 1,2 проценти од претходната година.

Цените на храната се зголемија за 1,2 проценти на годишна основа во април, по зголемувањето од 0,9 проценти во март. Цените на услугите се зголемија за 2,8 проценти, што е значително поблаго отколку во претходните два месеци, кога растот беше 3,5 проценти.

Основната инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата, изнесуваше 2,3 проценти. Така, таа беше малку пониска отколку во февруари и март, кога изнесуваше 2,5 проценти, што укажува дека дел од инфлацискиот притисок беше концентриран во енергијата.

На месечна основа, потрошувачките цени во Германија се зголемија за 0,6 проценти. Во март тие беа повисоки за 1,1 процент, додека во февруари месечниот раст изнесуваше 0,2 проценти.