
Европратениците го отфрлија планот за намалување на употребата на хемиски пестициди за 50 отсто до 2030 година и забрана за употреба на пестициди во области како што се јавните паркови, игралиштата и училиштата.
Против предлог-законот гласаа 299 пратеници, за него гласаа 207, а воздржани 121 пратеник, откако предлогот на Европската комисија беше омекнат со низа амандмани, пренесува АП.
Според „Фајненшл тајмс“, отфрлањето на овој предлог значи дека Европската комисија мора да размисли за негово повлекување.
Конзервативните пратеници го поздравија вчерашното гласање како победа на земјоделците, додека еколозите и другите поддржувачи на планот беа огорчени од исходот од гласањето.
Австриската пратеничка Сара Винер, која ги водеше преговорите за законот, рече дека вчера бил многу мрачен ден за животната средина и земјоделците и изјави дека нема волја за компромиси кај десницата, крајната десница и еврофобите.
Нема да има нови регулативи за одржлива употреба на пестициди – рече Винер.
Европската комисија минатата година рече дека сегашните правила за ограничување на употребата на пестициди се премногу слаби и не се применуваат доследно низ ЕУ.
Повеќе од милион граѓани на ЕУ оваа година поднесоа петиција за целосна забрана на пестицидите во ЕУ, но некои земјоделски организации рекоа дека намалувањето на употребата на пестициди за повеќе од половина ќе има негативно влијание врз приносот и ќе го доведе во опасност производството на храна низ целиот блок.











