Европскиот парламент повика да се забранат најопасните пластики и тенките пластични ќеси до 2020 година, во рамките на европската стратегија за намалување на пластичниот отпад во околината.
Во резолуцијата усвоена во вторникот, Парламентот се заложи за воведување задолжителни цели за рециклирање на пластичен отпад, објави ЕП.
Комисијата уште во ноември минатата година предложи постепено воведување на забрана за користење на пластични ќеси со дебелина помала од 50 микрони, кои се многу опасни за околината. Секој европски граѓанин искористува околу 200 пластични ќеси во годината, од кои 90% се тенки.
Во Данска и Финска просечната потрошувачка на тенки пластични ќеси изнесува само четири по лице годишно, наспроти 466 во Полска, Португалија и Словачка. Данска и Финска ова го постигнаа преку информирање на јавноста и воведување на надоместок за пластични ќеси.