Ер Индија планира да купи 250 авиони Ербас

39

Индиската авиокомпанија „Ер Индија“ постигна договор за купување на 250 нови патнички авиони од компанијата „Ербас“, потврди Н.Чандрасекаран, претседател на индиската компанија Тата Груп, нов сопственик на Ер Индија.
Овој договор е дел од огромната нарачка на Ер Индија од 470 авиони, од кои 220 авиони ќе бидат купени и од Боинг, главниот ривал на Ербас, пренесува Ројтерс.

– Поминуваме низ огромна трансформација бидејќи сме посветени на обновување на авиокомпанија од светска класа. Најважно е модерна флота која е ефикасна и може да лета на сите правци – изјави Чандрасекаран.

Француско-индискиот договор е дел од стратегијата на новиот извршен директор на Ер Индија, Кембел Вилсон, кој даде приоритет на заживување на репутацијата на Ер Индија како авиокомпанија од светска класа.

Фото: Pixabay