„Ербнб“ и „Трипадвајзор“ договорија партнерство

Групацијата Tripadvisor и Airbnb ги здружија силите за да донесат избор на искуства од Tripadvisor на платформата Airbnb. Турите, активностите и атракциите ќе бидат достапни за резервација преку Airbnb подоцна оваа година.

Компаниите, пишува Travel Weekly, не прецизираа колку од приближно 425.000 искуства на Tripadvisor ќе бидат достапни, ниту кои дестинации и активности ќе бидат приоритетни.

Кристин Дорсет, главен директор за искуство во Tripadvisor Group, истакна дека целта на компанијата е да им помогне на патниците да ги откријат и резервираат најдобрите искуства во светот, а партнерството со Airbnb ќе ја доближи понудата до уште поголем број корисници.

Извршниот директор на Airbnb, Брајан Чески, го објави ова партнерство за време на објавувањето на деловните резултати, истакнувајќи дека компанијата планира да ги прошири операциите во сегментот Искуства.

„Додадовме 1.000 нови искуства во нашите најбарани категории, што ја зголеми понудата во вториот квартал за речиси 80 проценти во споредба со истиот период минатата година. Иако искуствата се сè уште мал дел од нашиот бизнис, бројот на резервации го забрза растот во споредба со минатата година и последователно, односно во споредба со претходниот квартал“, истакна тој.

Кога беше прашан за големината и обемот на категоријата „Доживувања“ и дали тие придонесуваат за вкупниот број резервирани ноќевања и места, Чески рече дека тие растат брзо, но „од мала почетна основа“. Со други зборови, тие сè уште се значително зад категориите сместување и хотели.

Airbnb ја воведе повторно својата редизајнирана категорија „Доживувања“, заедно со „Услуги“, минатото лето.

Компанијата, исто така, објави дека речиси половина од резервациите за искуства не биле поврзани со резервации за сместување преку Airbnb.