Ердоган повторно прави чистка во централната банка

40

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган отпушти тројца членови на комисијата за утврдување каматни стапки на централната банка со полноќен декрет, пишува Блумберг.

Одлуката ја испрати лирата на рекордно ниско ниво од 9,1883 лири за долар. Минути по 9:30 часот, валутата закрепна малку до 9,1720 лири за долар.

Заменик -гувернерите Семих Тумен и Угур Намик Ќучук се отстранети од функциите, како и членот на комисијата за монетарна политика Абдула Јаваш, се вели во указот. На нивно место беа поставени Таха Чакмак како заменик гувернер и Јусуф Туна како член на комисијата.

Промените се случија по состанокот во средата помеѓу Ердоган и гувернерот Шахап Кавчоглу, велат упатените. Според извори, Ќучук бил единствениот член на комисијата кој гласал против намалувањето на каматната стапка минатиот месец. Јаваш не гласал затоа што беше заразен со коронавирус во Соединетите држави, каде што живее.

Со последните промени, Ердоган се ослободува од членовите на управата на централната банка кои не се согласуваат со неговите барања за намалување на каматните стапки, забележуваат луѓето запознаени со оваа работа.

Кавчоглу беше назначен за шеф на институцијата во март, заменувајќи го неговиот претходник, Наџи Агбал, кој се залагаше за политика на повисоки каматни стапки. Минатата недела, канцеларијата на Ердоган ги отфрли медиумските извештаи дека претседателот размислува да го смени гувернерот.

Ердоган е познат по својата неконвенционална теорија за монетарна политика, според која намалувања на каматните стапки ќе доведе до забавување на инфлацијата. Цените се зголемија за 19,6% во септември, кога Кавчоглу ја намали основната каматна стапка за 100 основни поени на 18%.

Средбата меѓу Ердоган и Кавчоглу дојде откако лирата достигна рекордно ниско ниво во средата, при што амортизацијата во однос на доларот достигна 5% од изненадувачкиот пад на каматните стапки на 23 септември досега.

Претседателската институција објави фотографија од двајцата мажи на својот профил на Твитер по нивната средба, што канцеларијата на Ердоган ја оцени како „позитивна“. Двајцата разговараа за економската состојба во земјата во целина.