ЕЦБ: Банките во еврозоната добро го издржаа неодамнешниот стрес

44

Банкарскиот систем во еврозоната е „сè уште кревок“ и може да биде загрозен од надворешни финансиски шокови, соопшти Европската централна банка (ЕЦБ) во својот редовен полугодишен извештај.

Од почетокот на март, три американски банки пропаднаа во налетот на исплашените штедачи за депозити. Во Европа големиот Credit Suisse го спаси само итна владина интервенција, јавува ДПА.

Брзиот пораст на каматните стапки се проблем и за банките, по години на нула или во негативна зона, се вели во извештајот на ЕЦБ објавен во средата.

„Стабилноста на цените е клучна за трајна финансиска стабилност“, рече потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гуиндос. „Построгата монетарна политика за ограничување на инфлацијата, сепак, може да ги открие слабостите во финансискиот систем.

ЕЦБ проценува дека банките во еврозоната добро го издржаа неодамнешниот стрес, „но повисоките трошоци за финансирање и понискиот квалитет може да ја нарушат профитабилноста.“ Банките, всушност, можеби ќе треба да издвојат повисоки резерви за покривање на кредитниот ризик.

„Во овој контекст, неопходно е да се заокружи банкарската унија и особено да се воспостави заеднички европски систем за осигурување на депозитите“, нагласуваат од ЕЦБ.