ЕЦБ: Банките во еврозоната предвидуваат построги услови за одобрување кредити

94

Банките во еврозоната очекуваат дополнително заострување на условите за одобрување заеми во четвртиот квартал и прогнозирање на послаба побарувачка во услови на забавување на економскиот раст и повисоки каматни стапки, покажува истражувањето на ЕЦБ.

Се чини речиси сигурно дека еврозоната зимава ќе западне во рецесија, очекувањата нагло се влошуваат, што значи дека банките би можеле да станат поселективни во одобрувањето заеми, што дополнително би го продлабочило падот на активноста.

„Во четвртиот квартал од 2022 година, банките во еврозоната очекуваат значително поизразено нето-заострување на кредитните стандарди за кредитите на компаниите“, заклучи Европската централна банка (ЕЦБ) врз основа на истражување на 153 банки.

„Треба да се додаде дека банките во еврозоната очекуваат дополнително заострување на кредитните стандарди и за станбените и за потрошувачките кредити“, утврдија тие.

Стандардите за кредитирање веќе се заострија поради зголемувањето на каматните стапки на ЕЦБ, додека повисоките трошоци за задолжување исто така почнаа да ја намалуваат побарувачката, велат банките во истражувањето на ЕЦБ.

„Во средина на економско забавување и се поинтензивен страв од рецесија, кредитните стандарди за заеми на компаниите се значително заострени поради ризиците поврзани со економските изгледи, специфичните ситуации во индустријата или компаниите и намалената толеранција на ризик на банките“, утврди ЕЦБ.

За да ја заузда инфлацијата, централната монетарна институција на еврозоната годинава ги зголеми каматните стапки за 1,25 отсто, а на седницата во четврток треба повторно да ги зголеми. Циклусот треба да продолжи во 2023 година.

Во последните три месеци од годината, банките очекуваат пад на побарувачката за корпоративни заеми и натамошен „силен нето пад“ на побарувачката за хипотекарни заеми, додаваат од ЕЦБ.