ЕЦБ дополнително ќе ги зголеми каматните стапки во борбата против силната инфлација

53

Според претседателот на Бундесбанката, Јоаким Нагел, Европската централна банка (ЕЦБ), според сите сметки, дополнително ќе ги зголеми каматните стапки во борбата против силната инфлација.

Германскиот гувернер додаде дека иако забавува, стапката на инфлација сè уште е превисока за да се опушти, пренесува ДПА.

„Последните прогнози укажуваат дека не можеме да очекуваме брзо стабилизирање на цените. Инфлацијата е поупорна од очекуваното, а монетарната политика сега мора да биде поупорна и поконзистентна отколку што се претпоставуваше“, рече Нагел на банкарскиот самит во Франкфурт.

По години на нула, па дури и негативни каматни стапки, ЕЦБ го промени курсот минатото лето под притисок на високите цени. Од јули, ЕЦБ ја зголеми референтната каматна стапка осум пати, на сегашните четири проценти.

Во исто време, претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард веќе најави нова нагорна корекција пред следниот состанок на Управниот одбор на 27 јули. Слична изјава даде и Нагел, кој како член на управниот одбор на ЕЦБ одлучува за каматната стапка.

„За натамошното зголемување на каматните стапки ќе одлучиме според развојот на состојбите и идните податоци. Според мене, ни претстои уште долг пат“, изјави Нагел.