
Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ) денеска одлучи да ги задржи трите клучни каматни стапки на ЕЦБ непроменети.
Како што е објавено на веб-страницата на ЕЦБ, каматната стапка на главните операции за рефинансирање и каматните стапки на маргиналната кредитна линија и депозитната линија ќе останат непроменети на ниво од 4,50 отсто, 4,75 отсто и 4,00 отсто.
Се додава дека добиените информации во голема мера ја потврдија претходната оценка на Управниот совет за среднорочните изгледи за инфлацијата.
„Инфлацијата продолжи да паѓа, предводена од пониската инфлација на цените на храната и суровините. Повеќето мерки за базичната инфлација се намалуваат, растот на платите постепено се забавува, а бизнисите апсорбираат дел од порастот на трошоците за работна сила во својот профит. Условите за финансирање остануваат рестриктивни и минатите зголемувања на каматните стапки и дополнително оптоварување на побарувачката, што помага да се намали инфлацијата. Но, домашните ценовни притисоци се силни и ја одржуваат високата инфлација на цените на услугите“, соопшти ЕЦБ.
Управниот совет соопшти дека е решен да обезбеди навремено враќање на инфлацијата на среднорочната цел од 2 отсто.
Тој смета дека клучните каматни стапки на ЕЦБ се на нивоа што даваат значителен придонес во тековниот процес на дезинфлација.











