ЕЦБ ги повика инвеститорите да ги игнорираат медиумските извештаи засновани на неофицијални информации

20

Во изминатите 20 години имало повеќе од 360 случаи на протекување чувствителни информации од централните банки на еврозоната до медиумите, објави  Европската централна банка, повикувајќи ги инвеститорите и сите останати да игнорираат какви било извештаи засновани на тие информации.

Истражувањето на Европската централна банка покажува дека дури 368 стории објавени во периодот од 2002 до 2021 година се засновани на протекување од упатени лица во централната банка.

Иако истекувањето на информации често повеќе влијае на пазарот отколку јавните изјави на оние кои ги одредуваат каматните стапки, ЕЦБ тврди дека информациите се несигурен показател за идните одлуки и треба да се третираат со претпазливост.

– Гледајќи наназад по одлуката, претходните протекувања обично не ги придвижуваа стапките поблиску до вистинскиот исход на политиката. Нашите наоди сугерираат дека учесниците на пазарот би биле добро советувани да ги игнорираат таквите несигурни комуникации во повеќето случаи, велат претставници на ЕЦБ.

Претседателката на централната банка Кристин Лагард се обиде да ги намали протекувањата откако ја презеде функцијата во ноември 2019 година, повикувајќи ги носителите на одлуки да се воздржат од изразување несогласување со политичките одлуки пред или веднаш по состанокот.

Бројот на написи засновани на протекување, исто така, наводно е намален откако Лагард ја презеде функцијата, иако официјалните лица открија дека неодамна има значително зголемување на протекувањата поради честите состаноци за инфлацијата и зголемувањето на каматните стапки, пренесува Лидер.хр.