ЕЦБ ја казни Голдман Сакс со 6,6 милиони евра

50

Европската централна банка (ЕЦБ) ја казни американската банкарска групација Goldman Sachs Group Inc. со 6,63 милиони евра, откако нејзината единица во Европа не ги пресметала правилно средствата.

Европската централна банка (ЕЦБ) извести дека ѝ изрекла казна на европската подружница на американската банка Голдман Сакс поради неправилно означување на ризиците, оценувајќи дека „сериозно“ ги прекршила прописите.

Goldman Sachs Bank Europe погрешно ги класифицираше изложеностите на компаниите осум последователни квартали, од 2019 до 2021 година, и им додели понизок ризичен рејтинг отколку што се бара со регулативите, откри во понеделникот ЕЦБ.

– Банката доставила погрешно пресметани бројки до ЕЦБ и на тој начин ја спречила ЕЦБ да има сеопфатен увид во профилот на ризик – потенцираат во ЕЦБ и додаваат дека Голдман Сакс „не навремено ја открила грешката поради недоволни внатрешни контроли.

Ризикот одредува колку капитал банката мора да резервира за потенцијалните загуби.

Голдман Сакс Европа додели пониско ниво на ризик на одредени средства и на тој начин објави повисоки стапки на капитал отколку што се бара со регулативите, тврди ЕЦБ.

Банката „жестоко“ ги прекршила прописите, заклучи централната монетарна институција на еврозоната и изрече казна од 6,63 милиони евра. ЕЦБ го оценува прекршувањето на прописите во опсег од благи до крајно сериозни.

Голдман Сакс во соопштението нагласи дека тесно соработува со ЕЦБ и ги презела сите неопходни чекори за да се реши проблемот.

Портпаролот на Голдман Сакс рече дека ја препознаваат клучната важност на обврските за регулаторно известување, тврдејќи дека целосно го санирале, како што велат, „наследен проблем“.

Банката сè уште може да ја оспори одлуката на ЕЦБ пред Судот на правдата на Европската унија, пренесува Лидермедиа. хр.