ЕЦБ ја зголеми прогнозата за економски раст и инфлација

31

Европската централна банка ја зголеми проекцијата на инфлацијата за 2021 година поради скокот на цените на почетокот на годината и благо ја зголеми прогнозата за раст на економијата, иако мерките на ограничувања за сузбивање на пандемијата Ковид-19 се продолжени.

Според новото основно сценарио, ЕЦБ очекува бруто домашниот производ (БДП) на еврозоната да порасне за 4% оваа година, наместо 3,9%, како што беше предвидено во декември, пренесува Ројтерс.

Исто така, инфлацијата се очекува да изнесува просечно 1,5%, што е над претходно предвидената стапка од 1,0 %, рече претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.

Централната банка благо ја намали прогнозата за економски раст за следната година на 4,1% од претходно предвидените 4,2%, додека во 2023 година таа остана на непроменето ниво од 2,1%.

Од друга страна, ја зголеми проекцијата на инфлацијата од 1,1 на 1,2% за 2022 година, а во 2023 година очекува потрошувачките цени да пораснат за 1,4%, како што претходно предвидуваше.

Претседателката на ЕЦБ изјави дека закрепнувањето на светската побарувачка и дополнителните фискални мерки ја поддржуваат глобалната активност и активност во еврозоната, но дека постојаните високи стапки на корона инфекции, ширењето на мутирани соеви на вируси, а со тоа и поврзаното продолжување и заострување на рестриктивните мерки имаат негативно краткорочно влијание врз економијата на блокот.

Фото: Pixabay