ЕЦБ: Ќе ги подигнеме каматните стапки толку колку што е потребно за да се намали базичната инфлација

60

Европската централна банка (ЕЦБ) ќе ги зголеми каматните стапки колку што е потребно за да се намали базичната инфлација, а тоа темпо би можело да се забави по крајот на годината, изјави денеска членот на Управниот совет на ЕЦБ, Франсоа Вилерој де Гало. Вилерој, кој е и гувернер на француската централна банка, рече дека базичната инфлација во еврозоната од 4,8 отсто, што ги исклучува цените на енергијата и храната надвор од контрола на централната банка, е премногу висока, пренесува Ројтерс.

„Ќе ги зголемиме каматните стапки колку што е потребно за да ја намалиме основната инфлација. Ова, патем, ќе има позитивен ефект врз нето приходот на банките. Европските банки се посолидни од некои стравови“, рече тој во интервју за Холандскиот весник NRC.

Британската агенција забележува дека европските банки во последните денови се под притисок на финансиските пазари поради загриженоста за здравјето на швајцарската групација Credit Suisse.

Со оглед на тоа што ЕЦБ ја зголеми својата главна каматна стапка за 50 базични поени во јули и за 75 поени во септември, Вилерој вели дека е важно следните потези на ЕЦБ да бидат „мирни“.

Тоа, како што објаснува, значи дека не треба да има ниту остри потреси на пазарите ниту нагло заострување на финансиските услови за домаќинствата и фирмите.

Вилерој смета дека ЕЦБ треба да ги зголеми каматните стапки „без двоумење, до крајот на оваа година“ на ниво што е „нешто под или блиску до два проценти“, каде тие ниту ја стимулираат, ниту ја инхибираат економијата.

После тоа, ЕЦБ би преминала во вториот дел од циклусот на нормализирање на монетарната политика, кој, според него, ќе биде „пофлексибилен и веројатно побавен“.

„Не велам дека зголемувањето на каматните стапки ќе запре тогаш, но ќе мора сеопфатно да ја процениме инфлацијата и економските изгледи“, додаде Вилерој.