ЕЦБ: Можно е економскиот раст на еврозоната да падне на нула

Економскиот раст на еврозоната слабее и наскоро би можел да падне на нула, изјави потпретседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Луис де Гуиндос.

„Ќе видиме значително забавување на економската активност во третиот и четвртиот квартал и би можеле да бидеме блиску до нула со стапки на раст“, ​​рече Де Гуиндос.

Производството ги плаќа поскапувањата на енергијата и загубата на рускиот гас, што го зголемува ризикот од рационализација на потрошувачката на енергија во претстојната грејна сезона.

Високите цени на енергијата ја поттикнаа годишната инфлација во еврозоната на 9,1 отсто во август, а се проценува дека ќе достигне 9,6 отсто овој месец, што би било ново рекордно високо ниво во валутниот блок од 19 члена.

ЕЦБ ги зголеми каматните стапки за 75 базични поени претходно овој месец за да се бори против инфлацијата, само неколку недели по зголемувањето од 50 базични поени.

Зголемени инфлациски притисоци

Монетарниот регулатор на еврозоната најави дополнително заострување на условите за задолжување, а аналитичарите очекуваат уште едно зголемување на клучните каматни стапки во октомври и продолжување на зголемувањата на секој состанок на ЕЦБ до следната пролет.

Де Гуиндос не откри колку агресивни ќе бидат следните потези на ЕЦБ, истакнувајќи само дека тие „ќе зависат од индикаторите“ и нагласи дека инфлаторните притисоци значително се зајакнале во последните месеци.

Минатата недела тој рече дека ЕЦБ ќе мора да продолжи да презема чекори за борба против инфлацијата, бидејќи самото економско забавување не е доволно за да се спречи растот на потрошувачките цени.

„Пазарите веруваат дека забавувањето на економијата само по себе може да ја намали инфлацијата. За волја на вистината, тоа не е точно. Монетарната политика мора да даде свој придонес“, заклучи Де Гуиндос.