
Повеќе од 40 отсто од мултинационалните компании анкетирани од Европската централна банка (ЕЦБ) очекуваат да го преселат своето производство во „попријателски“ земји во наредните години – пред сè поради ризиците поврзани со Кина, пренесува Танјуг.
Во извештајот објавен денеска, на веб-страницата на банката се наведува дека ЕЦБ анкетирала 65 големи компании од глобално значење, од кои 49 отсто рекле дека сакаат да го придвижат производството поблиску до местата каде што се продаваат стоките, а 42 отсто сакале да префрлат некои операции на локации кои се „попријателски“.
„Што се однесува до оние земји кои претставуваат или би можеле да претставуваат ризик за синџирите на снабдување во нивниот сектор, две третини од анкетираните компании ја посочиле Кина“, посочува ЕЦБ.