
Европската централна банка (ЕЦБ) денеска ќе одржи состанок на кој ќе се разговара за идниот правец на монетарната политика, по најагресивната серија на зголемувања на каматните стапки што трае веќе десет последователни состаноци. Иако во септември мислењата на аналитичарите беа поделени, со мала предност на оние кои се за „пауза“ на растот на референтната каматна стапка, ЕЦБ одлучи да зголеми три клучни каматни стапки за нови 25 базични поени. Образложението потоа гласеше дека „инфлацијата продолжува да се намалува, но сепак се очекува да остане претерано висока предолго“.
Овојпат преовладува ставот на инвеститорите дека ЕЦБ ќе го запре растот на каматните стапки на состанокот во Атина, со оглед на постепеното намалување на инфлацијата, која во еврозоната во септември изнесуваше 4,5 отсто, што е помалку од августовските 5,3 отсто и проценката на економистите кои очекуваа 4,8 отсто.











