ЕЦБ: Насоката е јасна, но динамиката не

11

Управниот совет на ЕЦБ на вчерашната седница за монетарната политика донесе одлука за повторно намалување на референтните каматни стапки.

По намалувањето на каматните стапки во јуни, каматната стапка на депозитите повторно се намали за 25 базични поени – на 3,50%. Ова е во согласност со очекувањата на повеќето учесници на финансиските пазари.

Покрај намалувањето на каматната стапка на депозитите, како што беше најавено уште во март, распонот помеѓу стапката на главните операции за рефинансирање и стапката на готовинските депозити беше намален на 15 базични поени од претходните 50 базични поени, со почетокот на аплицирање од 18 септември 2024 година. Од друга страна, пак, стапката на кредити преку ноќ останува 25 базични поени над основната стапка на рефинансирање, како и досега. ЕЦБ сакаше да нагласи дека оваа промена нема да влијае на монетарната политика бидејќи таа се одредува само од каматната стапка на депозитите. На краток рок го делиме ова мислење, но на среден рок оваа промена треба да влијае на стапките на пазарот на пари штом ЕЦБ доволно ќе го намали вишокот ликвидност.

Новите одлуки не се изненадување. Наместо тоа, главниот фокус беше на изгледите за монетарната политика. Новите економски прогнози можат да дадат првичен увид. Изгледите за раст на ЕЦБ малку се влошија во споредба со јуни. Растот на БДП е намален од 0,9% на 0,8% за 2024 година поради послабата домашна побарувачка (лична потрошувачка и инвестиции). Според ЕЦБ, водечките показатели укажуваат на континуирана економска слабост. Сепак, за разлика од БДП, прогнозата за базичната инфлација е зголемена на 2,9% во 2024 година и 2,3% во 2025 година. Тврдоглавата инфлација на услугите останува проблем и се рефлектира во оваа нагорна ревизија. Од друга страна, прогнозата за вкупната инфлација остана непроменета поради понискиот придонес на цените на енергијата.

Комбинацијата на слаб економски моментум и постојана инфлација на цените на услугите е Ахиловата пета на ЕЦБ. Од коментарите на претседателката Лагард за време на прес-конференцијата, може да се заклучи дека тримесечен циклус на намалување на стапките е најверојатно се додека процесот на дезинфлација е постепен (т.е. во согласност со прогнозите). Имајќи предвид дека Лагард веќе го истакна своето очекување за привремен пад на инфлацијата во септември, одржувањето на каматните стапки на сегашното ниво на состанокот во октомври изгледа веројатно. Ова е во согласност со нашата прогноза, која го претпоставува следното намалување на стапката во декември. За жал, немаше повеќе детали за идната динамика на референтните стапки. Само вообичаена референца дека ЕЦБ работи во зависност од податоците.

Интересно е тоа што не беа поставени прашања за какви било импликации од можно побрза акција на ФЕД во однос на намалувањето на стапката, па не беа дадени одговори. Ништо не беше прашано за намалувањето на коридорот на основната стапка и неговите импликации врз каматните стапки на пазарот на пари. Исто така, немаше фокус на билансната политика.