ЕЦБ не очекува повторување на финансиската криза од 2008 година

Членот на Управниот совет на ЕЦБ, Пјер Вунш, не очекува повторување на финансиската криза од 2008 година и покрај турбуленциите предизвикани од колапсот на Silicon Valley Bank (SVB), тврдејќи дека европските банки биле предмет на построги правила од регионалните американски банки.

Акциите на банките на глобално ниво се под притисок откако SVB пропадна и швајцарскиот Credit Suisse беше принуден да искористи 54 милијарди долари од финансирање на централната банка, а сето тоа покрена прашања за други слабости во финансискиот систем.

„Немаме никакви информации што укажуваат на тоа дека европските банки се ранливи“, изјави Вунш, кој е и гувернер на белгиската централна банка БНБ, за белгискиот весник L’Echo.

„Ако ги погледнете белгиските банки, тие се во подобра позиција од просекот на европските банки. Затоа е многу тешко да се замисли повторување на финансиската криза“, е експлицитен тој.

Вунш рече дека е клучно да се направи разлика помеѓу Европа и САД, каде што полабавата примена на правилата за капитализација им овозможи на некои регионални банки да преземат повисоки каматни ризици отколку што би било дозволено во Европа.

„Важно е да се направи разлика помеѓу Европа, каде банките подлежат на одредени правила, и САД – каде Credit Suisse, според мене, е посебен случај“, истакна тој.

„Не гледаме ниту ризик од ширење на нестабилноста, ниту ризик од нестабилност ако ги гледаме бројките од рационална перспектива“, рече гувернерот на централната банка.

Фото: Pixabay