ЕЦБ продолжува да купува обврзници

20

Економијата на еврозоната е на пресвртна точка, а нејзиното цврсто и одржливо закрепнување е неопходен предуслов Европската централна банка (ЕЦБ) да размисли за повлекување на програмата за итна поддршка, рече претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард во интервју за Politikon.

ЕЦБ минатата недела одлучи да го задржи зголеменото купување обврзници за да ги одржи трошоците за позајмување во економиите во еврозоната екстремно ниски, а креаторите на монетарната политика дури и не разговараа за намалување на поддршката, иако економскиот раст се опоравува побрзо отколку што беше предвидено претходно, пренесува Ројтерс.

“Не сугерирам дека програмата за пандемски итни набавки (Pandemic emergency purchase programme – PEPP) ќе заврши на 31 март. Имаме многу простор за флексибилност и во однос на економските изгледи одиме во вистинската насока“, вели Лагард во интервјуто.

Таа додаде дека е рано да се разговара за укинување на програмата PEPP во вредност од 1,85 билиони евра, што треба да трае најмалку до 31 март 2022 година или додека не заврши периодот на пандемиската криза.

Економистите очекуваат ЕЦБ на состанокот во септември да започне да го разгледува крајот на PEPP, а огромното мнозинство аналитичари анкетирани од Ројтерс не предвидуваат дека оваа програма ќе се прошири и продолжи.
Наместо тоа, според нив, ЕЦБ е поверојатно да се врати на претходната и поригидна програма за набавка на средства, која веројатно нема да биде временски ограничена, бидејќи се проценува дека инфлацијата ќе остане под целта на ЕЦБ во следните години.

Фото: Pixabay