ЕЦБ започна двегодишна анализа дали да се воведе дигитално евро

25

Европската централна банка (ЕЦБ) соопшти дека започнува двегодишна анализа дали да се воведе дигитална верзија на еврото.

ЕЦБ во средата наведе дека дигиталното евро мора да ги задоволи потребите на потрошувачите, истовремено помагајќи да се спречат незаконски активности како што се перење пари и не смее да има негативно влијание врз финансиската стабилност и монетарната политика.

“Дигитализацијата е дел од нашите животи.Пандемијата на коронавирус покажа колку брзо може да се случи таквата промена. И тоа влијае на начинот на плаќање. Сè повеќе купуваме дигитално и преку интернет“, напиша членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Фабио Панета.

Тој рече дека треба да се одговори на многу прашања и дека подоцна ќе се дојде до одлуката дали ќе се издаде дигитално евро или не. Доколку идејата биде одобрена во рок од две години, ќе бидат потребни уште три за навистина да се создаде дигитално евро.

Едноставно кажано, дигиталната валута на централната банка би била дигитална банкнота. Дигиталните валути издадени од централните банки може да донесат различни опции за плаќање како и побрзи и поевтини прекугранични плаќања.

Фото: Pixabay