
Европската унија сака Индија да ги укине сите царини за увоз на автомобили како дел од големиот трговски договор меѓу двете страни за кој се преговара со години, а владата на премиерот Нарендра Моди се чини дека е подготвена драстично да ги намали увозните давачки, објави во понеделникот Ројтерс.
Индија е подготвена постепено да ги намали тарифите на 10 отсто, од денешните повеќе од 100 отсто, пишува Ројтерс, и покрај лобирањето од страна на автомобилската индустрија во земјата да ги задржи тарифите најмалку 30 отсто и да ги задржи тарифите за увезените електрични возила најмалку уште четири години за да се заштити домашната индустрија.
Барањата на ЕУ доаѓаат неколку недели откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара слично укинување на увозните давачки за сите автомобили, вклучително и електричните возила, како дел од билатералните трговски разговори. Намалувањето на царините во Индија би било голема победа за европските играчи како Volkswagen, Mercedes-Benz и BMW, бидејќи значително ќе го зголеми нивниот пристап до индискиот пазар. Ова би можело да биде и победа за американскиот Tesla, кој оваа година ќе започне со продажба на електрични возила во Индија, најверојатно произведени во германска фабрика во Берлин.
На индискиот автомобилски пазар годишно се продаваат 4 милиони возила, што значи дека е трет по големина во светот. Но, тој е еден од најзаштитените пазари во светот, каде што увезената стока се оданочува со високи стапки, за кои домашните производители велат дека се неопходни за заштита на инвестициите во локалното производство. Големите индиски автомобилски компании како Тата Моторс и Махиндра и Махиндра се особено против намалувањето на увозните тарифи за електрични возила.
Индиската автомобилска индустрија предлага намалување на давачките за ограничен број бензински автомобили на 70 отсто, од повеќе од 100 отсто денес, а потоа етапно намалување на давачките додека не достигнат 30 отсто. Кога станува збор за електричните возила, домашниот автомобилски сектор не сака ништо да се промени барем до 2029 година.
Иако не е јасно дали Индија веќе и ја доставила својата понуда за царини од 10 проценти до Европската унија, аналитичарите очекуваат двете страни да бидат пофлексибилни во преговорите со оглед на заканата од глобална трговска војна и рецесиското влијание на големото зголемување на царините на американскиот претседател Трамп.
Индија и ЕУ со години преговараат за договор за слободна трговија, а во февруари се согласија конечно да го финализираат до крајот на оваа година, во обид и двете да ги ублажат ефектите од царините на Трамп.
Фото: Printscreen